Египетскиот авион на компанијата „Иџипт Ер“, кој исчезна од радарите на лет од Париз кон Каиро, се урнал во морето во близина на јужниот грчки остров Карпатос, додека бил во египетскиот воздушен простор, соопшти извор од грчкото воздухопловството.
– Додека бил во во египетскиот воздушен простор, авионот исчезна од грчките радари … тој се урнал на околу 130 наутички милји од островот Карпатос, изјави истиот извор
Компанијата „Иџипт Ер“ утрово соопшти дека авионот од типот „Ербас А320“ ,со 66 патници и членови на екипажот, синоќа во 23.09 часот полетал од Париз на редовен лет кон Каиро, по што исчезнал од радарите во 02.45 часот по локално време (01.45 по средноевропско време), откако навлегол 16 километри во воздушниот простор на Египет.
Египетската армија соопшти дека добила автоматски сигнал за помош од авион, само два часа по исчезнувањето на „Ербасот“ од радарите.
Причините за падот на авионот засега не се познати, но францускиот премиер Мануел Валс посочи дека „ниту една теорија не може да биде исклучена како причина за несреќата“.
Директорот на грчката цивилна авијација истакна дека додека авионот бил во воздушниот простор на Грција, пилотот разговарал со грчките контролори на летот, но тогаш не пријавил никаков проблем.
Некои медими јавија дека пред исчезнувањето од радарите членовите на екипажот алармирале за појава на чад од под пилотската кабина на леталото, но засега нема потврда за ваквите информации.
Египетскиот весник „Ал Ахрам“ пак јавува дека членовите на екипажот на авионот не дале никакво сигнал за проблем во леталото, посочувајќи дека последниот директен контакт на диспечерите со пилотот бил остварен 10 минити пред исчезнувањето.
„Иџипт Ер“ соопшти дека во леталото имало 56 патници и 10 членови на екипажот. Меѓу патниците имало 30 египетски државјани, 15 француски, двајца ирачки, како и по еден државјанин на Велика Британија, Кувајт, Саудиска Арабија, Судан, Чад, Португалија, Алжир и Канада. Меѓу патниците имало и три деца.
Грција испрати два авиони и фрегата во јужниот дел на Медитеранот, кои и се придружиле на египтската армија во потрага по леталото. На островот Карпатос пак се подготвени хеликоптери за евентуална спасувачка мисија.
Грчкото Министерство за одбрана соопшти дека се проверува информацијата на еден капетан на брод, кој пријавил дека видел „пламен во воздухот“ на околу 130 морски милји од осторовот Карпатос.