Додека повеќето земји го слават денот на државноста со помпезни воени паради, во Колумбија тоа го прават малку поинаку. Карневал, парада на бродови и “битка на цвеќе” се некои делови од програмата на 201 годишнината од независноста од Шпанија што се одржува во градот Картагена, а кулминација претставува изборот на мис на Колумбија, во која убавици парадираат во бикини.
Славењето во Картагена трае месец дена, па така цел ноември е посветен на одбележувањето на големиот национален празник.
Градот Картагена е еден од најголемите туристички центри во земјата, но во деновите на празнувањето станува место на една од најголемите журки во Латинска Америка.
Традиционалната “Битка на цвеќето” се одржа минатиот четврток, кога 25 учеснички во изборот за мис на Колумбија парадираа низ градот.
Парадата не поминува само низ главните улици на градот, туку и по споредни и сиромашни населби. Сето тоа се случува со пратечка музика на локалните бендови кои свират живописна Афро-Карипска музика.
Картагена беше првата колумбиска провинција, која се здоби со независност од Шпанското владеење во 1811 година, поради што стана симбол на движењата за независност во Јужна Америка.