Либералната партија останува на ставот дека нема да легитимира некредибилен изборен процес на 5 јуни, а за решенија и датуми може да се дискутира само по исполнувањето на наведените услови, заклучи Извршниот комитет на партијата на синоќешната седница.
„На 18 март Либералната партија објави дека нема услови за фер и демократски избори. Констатирајќи дека условите и натаму се непроменети, Извршниот комитет заклучи дека Либералната партија нема да учествува на избори на 5 јуни, и не дава легитимација на некредибилен изборен процес.
Либералната партија ги реафирмира условите за било каков натамошен политички и граѓански дијалог за надминување на политичката криза:
– повлекување на аболицијата на Иванов и
– свикување на Собранието за поништување на одлуката за негово распуштање.
Исполнувањето на овие услови не е прашање на преговори, туку почетна точка по која може да се трасира концепт и динамика на демократска транзиција во земјата со примена на препораките од Извештајот на Прибе. Тоа го потврдува и предлогот на Либералната партија од октомври 2014 за Концентрациона Влада што ќе ја спроведе транзицијата низ институциите и ќе организира фер и демократски избори во адекаватен термин.
Оттука, Извршниот комитет заклучува дека никаква лицитација за следни изборни датуми не е прифатлива ниту за Либералната партија, ниту за граѓаните. Исто така, јасно е дека преговарачкиот формат за излез од кризата бара проширување на неговите учесници (граѓански сектор и партии), паралелно со зголемениот ангажман од меѓународната заедница.
Извршниот комитет ја нотира блискоста на овој концепт со барањата на граѓаните и на #Протестирам.
Оттука, Либералната партија продолжува со поддршка на граѓанските протести“, соопштуваат од ЛП.