Иранскиот државен обвинител Голам Хусеин Мошени Еџехи потврди денеска дека уапсениот блогер Сатар Бехешти во текот на минатата недела починал во затвор и дека на неговото тело се забележани рани.
Ова е прва официјална потврда за смртта на Бехешти под полициски надзор. Обвинителот наведува дека раните се евидентни на пет места од телото на Бехешти.
Американскиот Стејт департмент и медиумските организации побараа истрага за „сомнителната смрт“ на Бехешти. Бехешти беше уапсен на 31 октомври за наводни прекршувања на интернет. Во изминатите неколку години, во Иран се уапсени десетици блогери и новинари.