Унгарскиот премиер Виктор Орбан се огласи денеска за проширување на Европската унија, специјално со прием на Македонија и Србија, бидејќи тоа според него ќе и даде нова енергија на Унијата.
Во интервју за германскиот недленик „Виртшафтвохе“ Орбан направи оценка дека европската политика има проблем со временскиот хоризонт и оти се ќе прави краткорочно, согласно сегашната криза.
– Нема енергија за историската перспектива. Затоа денес сите се против проширувањето, освен некои централноевропски држави. Јас сум за проширување, пред се со приемот на Македонија и Србија, рече Орбан.
Според унгарскиот премиер не е можно Грција да биде членка на ЕУ, а на север од неа да има држави, кои не се членки на Унијата.
– Во Европа не може да има бели дамки. Мигрантската криза тоа го покажа како сосема јасно. Доколку спроведеме вистинско проширување, тоа ќе донесе дополнителна енергија, додаде Орбан.