Екипата на Хјустон ноќеска постигна минимална победа 97:96 над првакот Голден Стејт во натпреварот број 3 од првото коло од плеј офот.
Решавачкиот кош го постигна Џејмс Харден на 2.7 секунди пред крајот на натпреварот. Харден дуелот го заврши со 35 поени, а одлични со „дабл-дабл“ учинок беа: Донатас Мотиејунас (14 поени и 13 скокови) и Двајт Хауард (13 поени и 13 скокови) од Хјустон. Голден Стејт и на овој натпревар настапи без повредениот Стеф Кари. Хјустон го намали резултатот на 2-1 во победи за Голден Стејт.
Оклахома Сити предводена од Кевин Дјурант (постигна 34 поени) и Расел Вестбрук (26 поени) го победи Далас на негов терен со 131:102 и поведе со 2-1 во победи.
Победа на гости оствари и Торонто со 101:85 на гостувањето кај Индијана и за првпат го презеде водството во серијата со 2-1 во победи.