Голем број граѓани се пожалиле на притисоци и тортурата што функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Струга ги вршеле врз нив со цел тие да учествуваат денеска на контрапротестот во Скопје во организација на ГДОМ, соопшти ОО на СДСМ Струга.
„Свесна за целосно изгубената поддршка кај граѓаните, во страв и грч од соочување со целокупниот криминал и сите злодела што ги направи во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ повторно ја злоупотребува власта. Ги кратат часовите во училиштата, ослободуваат наставници од часови во сите училишта каде на раководни позиции се нивни партиски функционери, ослободуваат вработени во јавните претпријатија и вршат притисок врз нив да учествуваат на најавениот контрапротест во Скопје“, се наведува во соопштението на ОО на СДСМ Струга.
Оттаму ги повикуваат надлежните, Државниот просветен и Државниот тгрудов инспекторат, да ги проверат овие состојби и да ги преземат потребните мерки. Во спротивно, велат, и тие ќе бидат соучесници во уцените врз понижените наставници и други вработени.
„Борбата против криминалот и корупцијата, борбата за слобода и демократија заедно ја започнавме и заедно ќе ја добиеме. Промените со сета своја сила доаѓаат и тој процес никој повеќе не може да го спречи. Секој што направил криминал ќе одговара, а украдените пари ќе им ги врати на граѓаните. Затоа Македонија е на нозе. Затоа граѓаните помеѓу Никола Груевски и Македонија ја одбраа Македонија. Да живее слободна Република Македонија“, порачува ОО на СДСМ Струга.