„Најавените преговори меѓу четирите партии во Виена се иницијатива на меѓународната заедница за оживување на Пржинскиот Договор и на политичкиот процес.
Преговорите во Виена се точка пред тековната криза да излезе надвор од политичките рамки.
Политичката криза е продлабочена од 17 март, кога Уставниот суд го отвори патот за аболиција на сторители на кривични дела поврзани со изборите, а преку распишувањето на изборите и аболицијата од страна на Ѓорге Иванов таа криза кулминира.
Либералната партија оценува дека кризата ќе се продлабочува и натаму, и дека четирите партии се помалку го водат и контролираат политичкиот процес.
Оттука, Либералната партија ги сублимира следните потребни минимум услови за успешна смисла на преговорите во Виена:
- Прекинување на контра-протестите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
- Повлекување на аболицијата од страна на Иванов.
- Одложување на датумот на изборите.
Преговорите во Виена натаму може да имаат смисла доколку произведат договор на четирите партии за:
А) Демисија на Иванов (оставка) или спроведување на постапката на импичмент.
Б) Формирање концентрациона Влада што ќе спроведе попис на населението.
В) Јасна и јавна поддршка на активностите на Специјалното јавно обвинителство.
Г) Други форми на пацификација на односите меѓу партиите (демисија на лидерите кои ја оневозможија примената на Договорот од Пржино, внесување на други политички и граѓански здруженија во процесот на реализација на обврските, промена на изборниот модел итн.)
Доколку овие предлози не се прифатени како пакет, Либералната партија не гледа смисла за натамошно или било какво учество на преговорите во Виена на претставниците на СДСМ.
Во презентирањето на ставовите во Виена, четирите партии (да) ги застапуваат само сопствените и ставовите на своите коалициони партнери.
Ставовите, позициите и улогата на другите општествени и политички чинители, гарантите на Договорот од Пржино да ги идентификуваат без наложување од четирите партии.
Овие Заклучоци се донесени на 41. Седница на Извршниот комитет на Либералната партија, одржана на 19 април 2016“, соопштуваат од ЛП.