Царинската управа на Македонија минатата година наплати 67.233,72 милиони денари, што е за 6,6 проценти повеќе во однос на 2014 година, а за 1,8 проценти повеќе во однос на планираното, информира денеска директорката Наташа Радеска Крстевска на одбележувањето на 24 години од основањето на Царината како самостоен државен орган.
Крстевска потенцираше дека е зголемена наплатата на акцизите за 15,4 проценти, на ДДВ при увоз за 2,7 проценти и на царината за 2,6 проценти, а намалена е наплатата за надоместоците за 1,1 процент.
– Царинската управа и во 2015 година успешно ја реализираше својата визија и мисија на модерен и ефикасен сервис на граѓаните, економските оператори и државата, рече Радевска-Крстевска.
Во резултатите ги истакна приклучувањето кон транзитниот систем на Европската унија, со што значително е олеснето тргувањето со ЕУ, ЕФТА и Турција, како и рангирањето на Македонија на 26 место меѓу 189 држави во најновиот извештај Дуинг бизнис кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување“, скок за 101 место во однос на 2007 година.
Според државниот секретар во Министерството за финансии Игор Димитров, Царинската управа во изминатите десет години реализирала повеќе реформи, мерки и проекти кои придонеле за олеснување и забрзување на протокот на стоки, како и намалување на трошоците за. Од 2006 до 2015 година, нагласи, неколкукратно се намалени царините со што се зголеми конкурентноста на фирмите.
– Ефективната царинска стапка во моментов изнесува 1,75 проценти, што е една од најниските во регионот. Преку укинување и намалување на царинските стапки за суровини и репроматеријали обезбедена е поддршка за земјоделското производство, за прехранбената и кондиторската индустрија, за индустриското производство и за транспортниот сектор. Денес фирмите плаќаат 40 проценти пониски царини споредено со 2006 година, додека врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од над 10 милиони евра годишно, рече Димитров.
Резултатите за работењето на Царината покажуваат дека лани се спроведени 1.231 контрола на трговски друштва кои спровеле увозни или извозни постапки, при што се откриени 107 случаи на избегнување плаќање царински давачки во износ од 69,4 милиони денари.
Меѓу активностите што го одбележале работењето на Царината на свеченоста беа наведени спроведените 25 акции со кои е спречен шверц на 57 килограми разни видови дрога, на 4.000 парчиња оружје и распрскувачки материи и предмети, на 427.703 парчиња цигари и 399 килограми режан тутун…..
Лани Царината поднела 110 кривични пријави против 123 физички и 48 правни лица, како и 1.294 прекршочни предмети, а изречени се и 2.848 мандатни казни.
Преку македонските гранични премини лани патувале над 19 милиони патници, а транзитирале и 881.000 товарни моторни возила, најголем дел на премините со Грција, при што најфреквентен бил ГП „Богородица“ каде имало над 270.000 возила, по што следат „Табановце“ и „Блаце“.
Како што информира државниот секретар Димитров, во завршна фаза е подготовката на техничка документација за објава на тендер за надградба на граничниот премин Табановце, за што се очекува градежните работи да започнат во третиот квартал годинава и да завршат до крајот на 2017. Во завршна фаза, наведе Димитров, е и подготовката на техничка документација за тендер за надградба на ГП Ќафасан, каде градежните работи исто така треба да започнат во третиот квартал годинава, а да завршат до крајот на 2018 година.
По повод Денот на царината – 14 Април раководството на Царинската управа врачи плакети и признанија за успешната соработка со поединци и институции. На министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и беше врачена пофалница од Светската царинска организација за посебна соработка на имплементација на ИТ системи, континуираната соработка и електронското прибирање, размената и заштитата на податоци поврзани со царинското работење.