ДОМ денеска ја потпиша граѓанската платформа за демократска Македонија и тоа е еден логичен чин затоа што ние и ден денес сме дел од тој широк демократски фронт којшто се бори за воспоставување услови за фер и демократски избори, рече Љиљана Поповска, претседателка на ДОМ.
Убедени сме како зелена партија, којашто посебно полага на правната држава, на почитување на човековите права и слободи, дека без фер и демократски избори ние не можеме да дојдеме до излез од политичката криза.
За нас е особено важно во сите овие настапи на демократските сили да се настапува принципиелно, одмерено, умерено и да се учествува на мирен начин на протестите.
Сметаме дека е особено важно да се намали поделбата во граѓанското ткиво во Македонија којашто е извонредно опасна и застрашувачка, но тоа можеме да го постигнеме само со решавање на политичката криза и со воспоставување повторно на принципите на правната држава, на почитување на човековите права и слободи.
Затоа ДОМ е тука и верувам дека со граѓаните ќе успееме заедно да се избориме за демократска Македонија, а пред се за обезбедување услови за фер и демократски избори. Тоа е клучот на `се, тоа е почетокот на сиот понатамошен демократски развој.