Синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и синдикати од Сојузот на синдикати на Македонија, во кои членуваат повеќе од сто илјади работници од реалниот (приватниот) и од јавниот сектор на Република Македонија, со големо одобрување ја примија историската, a во исто време и одлука на исклучително одговорен и мудар татко на нацијата, а станува збор за вчерашната одлука на Претседателот на Република Македонија, почитуваниот Ѓорѓе Иванов.
Претседателот на државата, со вчерашната одлука, го означи патот за излез од кризата и го посочи правецот на национално обединување по сите линии. Убедени сме дека неговата одлука ќе значи не само почеток, туку и брзо разрешување на исклучителните опасни состојби со кои, за жал нашата сакана татковина денес е соочена. Ова е државничка одлука која бараше големи жртви. Одлука која не се носи заради водење дневна политика или грижа за политичкиот рејтинг, туку одлука која е државничка и која е насочена кон просперитетна иднина.
Претседателот Иванов мудро ја анализирал состојбата и увидел дека најмоќните партии се длабоко вкопани во своите ровови и дека нивниот антагонизам не само што не се намалува, туку го зголемува раздорот меѓу граѓаните и ја загрозува иднината на оваа земја. Претседателот Иванов мудро заклучил дека никој не отстапува, дека институциите се закочени и блокирани, а дека меѓународни претставници почнале да дефилираат по судовите наместо да ги остават да ја делат правдата согласно македонскиот устав и закони.
Како вистински татко на нацијата, Претседателот Иванов мудро пресече дека оваа земја не е ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ, ниту на ДУИ, ниту на ДПА. Оваа земја припаѓа на сите граѓани и нејзината иднина не смее да биде доведена во прашање заради ситни дневнополитички интереси.
На граѓаните им треба успешна економија, нови работни места и подобар стандард, а не секојдневни политички препукувања кои не водат никаде, освен што задоволуваат нечии туѓи интереси.
Република Македонија е татковината на сите што живеат во неа и сите што и сакаат просперитетна иднина и убедени сме дека со големо олеснување ја примија одлуката на Претседателот, бидејќи нашата татковина повеќе од една година, а особено последните неколку месеци, реално е доведена во состојба да биде жртва на некои кои никогаш не и посакувале добро.
Изјавуваме дека повеќе од сто илјадното синдикално членство на веќе споменати федерации, многу одговорно и трпеливо очекуваше политичките легитимни субјекти во Р.Македонија, да ја сватат сериозноста на ситуацијата и со одредена поддршка од вистинските меѓународни пријатели, одамна да ги надминат ваквите неприфатливи состојби. За жал, спротивно на тоа, дел од политичките субјекти ја одбраа стратегијата – што полошо за државата, толку подобро.
Затоа му честитаме на Иванов за храброста и одлучноста во овие мигови и го охрабруваме да издржи на патот по кој што чекори.
Ги повикуваме граѓаните на Република Македонија да не реагираат импулсивно и емотивно во овие сериозни мигови, туку внимателно да ги анализираат образложенијата кои Претседателот на Република Македонија ги даде по повод оваа негова одлука.