Издавачката куќа „Темплум“ објави пет нови книги – три прозни книги во едицијата „Магма“ и две сликовници во едицијата „Во пет кај вртелешките“.
Станува збор за книгите со раскази „Басни“ од Емброуз Бирс, „Витез на Шведската маса“ од Ненад Величковиќ и хибридната есеистичко-фикционална книга „Европеана“ на Патрик Оуржедник, како и сликовниците „Мојот чадор може да е и балон“ од Ела Пероци и „Педапед“ од Нико Графенауер.
„Витез на шведската маса“, Ненад Величковиќ
На прв поглед сѐ во расказиве и е и не е, и е вистина и е измислица. Расказиве се и не се автобиографски, а раскажувачките јас што во нив се јавуваат и се и не се Ненад Величковиќ. Всушност, тоа и не се раскази туку хибридна патописна проза која цело време се тетерави меѓу неверојатниот хумор и критичкиот ангажман. Нашата „постмодерна состојба“ авторот со лирски, трагични и пародични тонови ја слика и како своевидно срце на темнината.
Ненад Величковиќ е роден 1962 година во Сараево. Книжевноста ја „вежба“ и со студентите на Филозофскиот факултет во Сараево. Ги објавил романите „Коначари“, „Сахиб“ и „Таткото на мојата ќерка“; збирката раскази „Ѓавол во Сараево“; сатиричниот прирачник „Вива Сексико“ и книгата „Школокречина“.
„Европеана“, Патрик Оуржедник
„Гласот на раскажувачот е смешен, научен, инфантилен, саркастичен и мрачен… Европеана е многу чудно историско дело и генијално уметничко дело.“ (Chicago Review)
„Трагикомична проза која прави поетите да плачат од завист, која прави сите да плачат.“ (The Village Voice)
„Допирајќи теми и настани кои се сосема различни, како градникот, куклата Барби, скиентологијата, евгениката, интернетот, војната, геноцидот и концентрационите логори, немилосрдната монотонија станува неочекувано интересна, дури застрашувачка.“ (The New York Times Book Review)
Патрик Оуржедник (1957), чешки писател кој од 1985 година живее во Париз. Станува познат со „речникот на неконвенционалниот чешки јазик“, „Проста историја на чешкиот јазик“. Автор е на збирките песни „Или“ и „Ако речам не“, збирката библиски и парабиблиски изреки „Ништо ново под сонцето“, раблеовскиот пастиш „Разговор за евентуално пиење вино“, прозните книги „Дваесет и четвртата година“, „Европеана“, „Затворен случај“, „Историја на Франција“, драмата „Денес и задутре“, есeјот „Барање на загубениот јазик“, збирката статии и интервјуа „Слободниот простор на јазикот“. На чешки јазик превел книги од Франсоа Рабле, Алфред Жари, Семјуел Бекет, Анри Мишо, Борис Вијан и други.
Басни, Емброуз Бирс
Во своите мали приказни, кои едвај се прикриени со мимикријата на басната, Бирс ѝ се препушта на својата цинична фантазија до крајни граници, маѓепсувајќи едни, а разгневувајќи други читатели. По Диоген, Емброуз Бирс е можеби најпознатиот мизантроп. Со таа разлика што Бирс воопшто не посегнал по ламба за да го бара човекот. Опседнат со бесмислата и механичноста на постоењето, тој ги претвора своите басни во пеколна песимистичка машина. Од овие мали ремек-дела, покрај апсурдот, блеска луцидноста на уникатниот црн хумор на Емброуз Бирс.
Емброуз Бирс (1842 – околу 1914), американски писател новинар, уредник, сатиричар. Освен раскази, пишувал и поезија, есеи, басни, епиграми. Познат е како автор на сатиричниот лексикон Ѓаволовиот речник, кој денес има статус на класика, а на македонски го објави Темплум. Се смета за „духовен водач на песимистите“ чија мизантропија може да се мери само со онаа на Џонатан Свифт.
Во едицијата „Во пет кај вртелешките“, објавени се и сликовниците „Мојот чадор може да е и балон“ од Ела Пероци, со илустрации на Марленка Ступица, како и „Педапед“, збирка песни за деца од Нико Графенауер, со илустрации на Марјан Манчек.