Бројот на барања на азил во Германија во месец март се намалени за 66 отсто на околу 20.000, објави денеска германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.
– Во септември добивме 120.000 барања за азил, во февруари 60.000, а во март околу 20.000 луѓе побараа азил, изјави Мезиер, еден месец откако земјите долж „балканска рута“ ги затворија своите граници за бегалците кои одат кон ЕУ и пред се Германија.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Мезиер оцени дека договорот ЕУ-Турција, со кој на предлог на Германија беше запрен приливот на бегалци кон Европа, претставува „добар старт“.
Според него, и покрај позитивниот развој, сепак прерано е да се даваат проценки за целата година.
– Се уште не знаеме дали можат да се појават алтернативни рути, како онаа што води од Либија до Италија и како Италија ќе реагира, предупредува германскиот министер.