Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска свечено ги врачи стипендиите „Борис Трајковски” за 2012 година на 20 кандидати на постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Сити колеџот во Солун, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија.
– Значењето на денешната церемонија е што стипендиите ги доделуваме на дваесетмина – најдобри меѓу најдобрите кандидати пријавени на конкурсот. Затоа од вас очекуваме да го надградите своето знаење и да докажете дека градењето квалитетни високообразовани кадри секогаш е најисплатлива инвестиција. Денес на Македонија и се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот, финансиите. Не се сомневам дека ќе се доизградите во врвни претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството кое инвестирало во вас. Вашите идни успеси ќе бидат добар знак на успешноста на целото македонско општество, рече претседателот Иванов.
Износот на стипендијата „Борис Трајковски“ одделно е 14.890 евра, колку што чини уписнината на Сити колеџот во Солун. По половина од средствата обезбедуваат Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот „Шефилд“.