„Според ДИК теренската контрола на сомнителните гласачи е завршена. Сепак за Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) и понатаму остануваат неразјаснети прашања, а со тоа и простор за сомнежи за ефикасноста и регуларноста на истата проверка.
Ние уште еднаш ќе повториме дека административците кои се вработени преку партиски книшки не се компетентни за проверка на сомнителните гласачи од избирачкиот список.
ДИК нека се изјасни колку Турци се вклучени во процесот како контролори и воопшто ако ги има според кои стандарди се именувани за контролори? Остро се спротивставуваме партиски активисти да се одговорни за спроведувањето на проверката на места каде што доминантно е турското население.
Тоа што во изминативе изборни процеси турското гласачко тело беше постојано под притисоци и изманипулирано до крајност од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата; само ја зголемува загриженоста дека истите разбојнички методи ќе се користат и на следните избори врз турската етничка заедница.
Без прочистен Избирачки список, фер и демократски избори се невозможни. Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) со сите свои капацитети ќе ја продолжи битката за да се обезбедат услови во кои граѓаните ќе се изјаснат слободно и без никакви притисоци“, се вели во соопштението на Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП).