Поетот Никола Маџиров денеска ќе чита стихови на „Кент Стејт Јуниверзити” во Охајо, САД, заедно со американскиот поет-лауреат Чарлс Симик, во рамки на серијата поетски читања посветени на поетите-лауреати на САД.
Настанот вклучува тркалезна маса на тема „Поезијата како глобален дијалог”, како и вечерно поетско читање. Маџиров во Охајо пристигна по читањето на „ЛМ Јуниверзити” во Лос Анџелес, каде професор-гостин е нобеловецот Воле Сојинка, поет и прозаист од Нигерија.
Во рамките на најголемиот годишен книжевен настан во САД, „Конференцијата на писатели и програми за пишување” која годинава се одржа во Лос Анџелес од 31 март до 2 април, Никола Маџиров настапи заедно со Ли-Јанг Ли и останати американски поети пред преполната хала на Конгресниот центар.