Како дел од „Културни приказни“ на Делегацијата на Европската унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје, оваа среда, на 6 април, со почеток во 20 часот, ќе биде одржана првата од серијата дебати на платформата за креативен дијалог низ делата на култните европски автори насловена како „Про-книжи го умот“.
„Про-книжи го умот” („Booking your mind“) е платформа за креативен дијалог низ култни европски автори и дела. Како дел од „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје, која има цел низ интерактивни модели на културна продукција,трибини и дебати да одбележи неколку јубилеи и годишници во 2016 година на европски дела и автори како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Олдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други.
Трибините ќе бидат од отворен карактер и ќе се случуваат во различни градови како Скопје, Битола, Тетово, Велес и други. Панелисти ќе бидат истакнати уметници, писатели, професори, филмски и театарски режисери, литературни критичари, итн…
Правта дебата е закажана за среда, во ЕУ Инфо центарот во Скопје, а во чест на авторот Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“. Темата е „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“. Панелсти се писателот Гоце Смилевски и писателот и професор Владимир Мартиновски.
Следната дебата е на 12 април во Центарот за култура во Битола, исто така со почеток во 20 часот, со Валтер Бенјамин како автор во фокус, а на тема „Технологија и уметност – Револуција или хуманизација“. Панелисти во Битола ќе бидат познатиот филозоф и професор Иван Џепаровски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска-Ќулавковски. Серијалот на дебати со различни автори и теми продолжува во текот на април и мај.
„Про-книжи го умот” е платформа за дискусија и критичко размислување. Авторите и книгите што ги одбрав се дела коишто со својата културно-историска важност одиграле голема улога во креирањето современи теории, идеологии и светогледи и биле мотив за важни општествени движења и слободи во Европа.
Нивната книжевна тежина е само иницијална точка од која ќе се отвораат важни теми од денешниот социо-културен контекст. Како филозофска и политичка врска меѓу минатото и иднината, проектот има за цел поставување и на актулените прашања во општеството. Визијата на „Про – книжи го умот” е всушност преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се потикне активното учество на граѓаните од локалните заедници во градењето на слободно, отворено и креативно општество“, вели Ана Јовковска, авторка на концептот и модераторка.
Структурирани во два дела, првиот дел од трибините го сочинува креативниот дијалог и интерактивната дебата меѓу модераторот, панелистите и публиката, додека вториот дел ќе биде неформална социјализација во духот на европските култури и традиции преку различните специфики, како што се типична музика, храна и пијалоци за одредена земја според потеклото на авторот во фокус.