Мерката за бесплатен автобуски превоз за студентите што Владата неодамна ја промовираше максимално се искористува и ја користат околу 16.000 студенти кои за тоа извадиле соодветна документација. Тие досега според пресметките заштедиле околу 250.000 евра или околу 16.300.000 денари месечно, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Доколку ги користат 10 месеци годишно, имајќи предвид дека дел од студентите еден период поминуваат во својот град, а не во Скопје, заштедата би изнесувала 2,5 милиони евра на годишно ниво. Тоа е одлична мерка која многу се користи и е очигледно дека им недостасуваше на студентите зошто со задоволство ја искористуваат и на тој начин заштедуваат пари, изјави Груевски одговарајќи на прашање по промоцијата на нови 15 дела од проектот Врвови во светската историја, филозофија, психологија со психоанализа во Археолошкиот музеј во Скопје.