Египет денеска официјално побара од Кипар екстрадиција на Сеиф Ал Дин Мустафа, кој во вторникот киднапира авион на египетската компанија „Иџипт Ер“ и го принуди да слета на аеродромот во кипарскиот град Ларнака, каде неколку часа подоцна им се предаде на властите.
Како што објави екектронското издание на кипарскиот весник „Филелефтерос“, барањето за екстрадиција било поднесено дирекно до кипарското Јавно обвинителство, а не до Министерството за правда, како што е вообичаената пракса за вакви случаи.
Во барањето се наведува дека екстрадицијата на 59-годишниот Мустафа се бара затоа што тој го извршил чинот на киднапирање на авионот во египетскиот воздушен простор, киднапираното летало е сопственост на египтеска компанија и затоа што тој самиот е државјанин на Египет.
Според весникот, пред да донесат одлука за екстрадиција, кипарските власти побарале објаснување каква казна е предвиодена за киднаперот согласно египетските закони.
Владин извор за весникот изјавил дека ако за киднапирањето на авионот во Египет на Мустафа може да му биде изречена смртна казна, Кипар нема да го прифати барањето за екстрадиција.
Мустафа на 29 март киднапира авион на „Иџипт Ер“; кој летал на релација Александрија – Каиро, по што ги принуди пилотите на „Ербасот А320“ да слетаат во Ларнака, каде набрзо ги ослободи патниците и членовите на екипажот на леталото, по што на крајот и се предаде на кипарската полиција. Официјално беше објавено дека киднапирањето не било извршено од терористички мотиви, тука Мустафа само сакал да дојде на Кипар за да се види со неговата сопруга која живеела на островот.