По повод Светскиот ден на поезијата 21 Март, Скопје вторпат се приклучува во глобалната кампања „Плати со поезија“ организирана од познатиот бренд на кафе Јулиус Мајнл.
Како и во повеќе од 30 градови во светот, и скопјани денеска ќе може да испијат кафе или чај и да го платат со поема.
Акцијата ќе трае од 10 до 17 часот во угостителските објекти: „Наргиле“ во чаршија, „Венето“ во Скопје Сити мол „Паладиум“ во Капиштец, „Дион“ на Кеј и „Баду“ во Порта Влае.
Таму ќе присуствуваат и познати поети кои ќе ги оценуваат поетските творби на граѓаните кои потоа ќе добијат и награди.
– По неверојатно успешната минатогодишна кампања „Плати кафе со поезија“, оваа година Скопје повторно гордо е дел од глобалната акција. Минатата година се собраа повеќе од 600 поезии, кои освен на македонски и албански, беа пишувани и на бугарски, турски, руски, германски, српски и англиски јазик, соопшти организаторот.
Во оваа кампања на Јулиус Мајнл се вклучени над 30 земји и повеќе од илјада кафетерии низ светот.