Имајќи го во предвид енормниот број фиктивни гласачи и сите доегашни оддалечувања од нормалниот политички процес и дијалог, одлуката на Устаниот суд е само претходница на постапките кои може да се очекуваат од претседателскиот кабинет во две можни насоки односно аболиција на сторители на изборен криминал во досегашниот период и аболиција на сторители на изборен криминал во иден изборен процес, рече на денешната прес конференција Претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски додавајќи дека ова е показател дека кредибилни избори на 5 јуни не се возможни.
За Либералната партија одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите од законот за помилување е срамна и индикативна.
Според ЛП резултатите од вкрстената анализа на податоците од различните институционални бази и од избирачкиот список непосредно ги потврдија сите досега најавени сомнежи на партијата и на сите опозициски партии за кредибилноста на изборните процеси досега и за легитимноста на законодавната и извршната власт, особено од 2014 година.
– Сериозните дубиози што се манифестираат во овој период, не само што го отежнуваат Пржинскиот процес, туку покажуваат дека отстранувањето на идентификуваните системски слабости и проблемите во владеењето на правото се се уште далеку од реалноста, рече Величковски.
Либералната партија ги повикува пратениците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА заеднички во Собранието да предложат истоветен закон за измени и дополнувања на законот за помилување со кој ингеренциите за прекин на постапката против обвинети или осудени лица за педофилија, силување, изборен криминал повторно ќе бидат одземени од самостојното одлучување на претседателот на Република Македонија со што овие политички партии ќе докажат дека стојат до своите тврдења дека ни се потребни кредибилни избори за излез од политичката криза.
– Имајќи во вид дека се отворени длабоки сомнежи и временска невозможност да се надминат бројните слабости, Либералната партија предлага партиите, невладините организации и меѓународната заедница да формираат формат поширок од „Пржинскиот“, да пристапат и кон консултации за истовремено одржување на парламентарни и локални избори кон крајот на оваа или почетокот на идната година, вели Величковски.
Виктор Јованов