Во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, под покровителство на Австриската амбасада во Македонија в сабота, во хотелот „Александар Палас“ ќе се одржи 17-от Виенскиот бал во Скопје.
Во валцерите на Штраус и изведбата на професионалниот оркестар „Јохан Штраус“, под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар, ќе уживаат дамите во свечени фустани и господата во отмени костуми.
За атрактивните танцови точки и оваа година задолжени се членовите на „Прима Данца“, а ќе настапат и првенците на Балетот при МОБ – Мими Поп Алексова-Атанасовска и Бобан Ковачевски. Посетителите, освен валцери, ќе танцуваат на евергрини и на македонски хит рефрени во изведба на Нина Јанева, Горан Папаз, „2Exit“ и „Тумбао салса бенд“.
Годинава балот има хуманитарна цел. Дел од средствата од продадените билети се наменети за лица со попреченост, меѓу кои и лица со Даунов синдром при Здружението за промоција на општествена инклузија „Инклузивни решенија“-Скопје.