Друштвото на писателите на Македонија на 25 март ќе организира манифестација „Балкански поетски Вавилон“ на која ќе настапат 20 членови на ДПМ.
– Со стиховите на истакнати поети од Балканот, од домот на македонските писатели ќе биде испратена порака дека различните јазици на кои пишуваат авторите се слеваат во универзалниот јазик на поезијата со кој се надминуваат сите бариери на патот кон разбирањето, толеранцијата, соработката, меѓусебното запознавање и зближување. Поетската порака ќе ја испрати Кристина Николовска, а стиховите ќе бидат читани на јазиците на кои создаваат авторите на Балканот и во Македонија: на македонски, албански, турски, српски, бугарски, грчки, словенечки, хрватски, влашки, бошњачки, ромски јазик, соопшти ДПМ.
На средбата во ДПМ ќе бидат читани и стихови, во оригинал и во препев на македонски, на поетите Костас Асимакопулос (Грација), Алеш Штегер (Словенија), Сретен Перовиќ (Црна Гора), Садик Бејко (Албанија), Петар Караангов (Бугарија), Адам Пуслоиќ (Србија), Абдулах Сидран (Босна) и Анте Стамаќ (Хрватска), сите добитници на наградата „Книжевно жезло“ што ја доделува македонската писателска асоцијација.