Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Во боите на барокот“. Диригент ќе биде маестро Борјан Цанев, а како солист ќе се претстави македонскиот виолист Дритон Гаџа, кој веќе неколку години живее и работи во Германија и активно настапува на европските сцени.
Дритон Гаџа за македонската публика ќе ги изведе Концертот во G-dur од Георг Филип Телеман и романтичниот Концерт во c-moll од Јохан Кристијан Бах.
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и Симфонијата бр.103 во Es-dur од Јозеф Хајдн, една од неговите т.н. „лондонски“ симфонии, но и една од најпознатите на австрискиот композитор.
Дритон Гаџа (1978) е роден во Скопје, а веќе неколку години живее и работи во Германија. На петгодишна возраст се запишува на виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а на 12 години почнува да студира виола во истото училиште, во класата на проф. Љупчо Соколов. По завршувањето на средното образование, Гаџа е примен на студии заедно со уште шестмина студенти, меѓу 72 кандидати, на една од најдобрите школи во Франција – Конзерваториумот „Souperier National de Region Boulogne“ во Париз.
Гаџа потоа се запишал на студии на Високата музичка школа во Вирцбург каде дипломира и магистрира во класата на проф. Рајнер Шмит и Фабио Марано. Посетува мајсторски курсеви со проф. Шмит, како и со познатиот романски квартет „Voces“, со кого реализира и заеднички концерти. Но, како што и самиот вели, за него еден од поважните педагози со кого сè уште соработува е виолистот и виолинист Григори Жислин.
Дритон Гаџа е добитник на неколку значајни награди, меѓу кои и првата награда на Натпреварот за виола во Скопје, прва награда на Натпреварот за камерна музика во Скопје, трета награда на Натпреварот за виола на Универзитетот во Вирцбург… Уште од неговото пристигнување во Германија, тој соработува со престижни оркестри како соло-виолист, меѓу нив и со Камерата „Франконија“ под водство на Григори Жислин, Камерниот оркестар на Вирцбург, Светскиот камерен оркестар на Франкфурт, како заменик-водач на виолите во северниот Оркестар во Порто, Португалија, Европската камерна филхармонија и со Камерниот оркестар на солистите од Санкт Петербург…
Гаџа настапувал со други оркестри во најзначајните музички сали, какви што се Филхармонијата во Келн, Концертната сала во Берлин, Херкулес салата во Минхен, Минхенската филхармонија, Ројал Алберт хол во Лондон, Старата опера во Франкфурт, во најважните сали во Јужна Кореја и на други концерти низ Шпанија, Франција, Данска, Белгија, Италија, Холандија…