На 1 април 2016 година се навршуваат шеесет и пет години од институционалното постоење на Државниот архив на Република Македонија, формиран врз основа на Законот за државните архиви, донесен на 6 јануари 1951 година од страна на Народното собрание на НР Македонија.
Државниот архив на Република Македонија има статус на државен орган и дејствува како единствена управна организација на територијата на целата држава. Со својата современа организациска поставеност и програмска ориентација одговара на тековните општествени потреби и им излегува во пресрет на сите барања од научните работници, но и на многубројните барања доставени од страна на државните институции и граѓаните.
Државниот архив претставува најбогат и највреден културен и историски трезор, но и битен информативен центар. Тргнувајќи од обемот и значењето на архивските фондови со кои располага, Државниот архив има голема национална вредност и претставува дел од светското културно-историско наследство.
Архивот остварува интензивна соработка со Владата и министерствата на Р. Македонија, но и со голем број научни и културни институции. Архивот е член на Меѓународниот архивски совет, со кој остварува интензивна соработка во областа на имплементацијата на меѓународните архивски стандарди.
Во изминатиот период на интензивен ангажман и развој, Државниот архив на Република Македонија се докажа и се афирмира како важен столб на македонскиот индентитет, самобитност и државност.