Инспектори од Одделението за истраги вчера при претрес на патничко моторно возило „голф 5“ на патниот правец Гостивар – Дебреше открија 8,5 килограми злато, наменето за македонскиот пазар, чијашто вредност се проценува на над 200 илјади евра.
Царинската управа на Република Македонија денеска соопшти дека вчера околу 10.30 часот за детална царинска контрола сопрен е македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, при што под предните седишта пронајдени се три најлонски кеси со 2.127 парчиња златен накит, со вкупна тежина од 8.610 грама.
Од преземените предистражни мерки и активности утврдено е дека златниот накит е купен во Турција и на недозволен начин е прокриумчарен во Република Македонија.
Сторителот, стои во соопштението, по претходен договор со лица од Турција и во соработка со турска автобуска превозна компанија која ја одржува редовната линија Истанбул – Гостивар, го организирале криумчарењето на златниот накит. Откако автобусот пристигнал во Македонија од Турција и се паркирал на автобуската станица во Гостивар, пријавениот влегол внатре, го извадил накитот кој претходно бил сокриен во автобусот и за кратко време го сместил во неговиот автомобил.
По завршување на истрагата и целосно документирање и расчистување на случајот, Царинската управа против сторителот ќе поднесе кривична пријава поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“.
Лицето во текот на денот ќе биде изнесено пред надлежниот суд во Гостивар.
Царинската управа презема дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, утврдување и кривично правно санкционирање и на други инволвирани лица.