Еден кинески рибарски брод е потопен во водите на Атланскиот Океан од бродви на агрентинската Крајбрежна стража, откако е фатен како лови риба во територијалните води на Аргентина, соопштија денеска властите во Буенос Аирес.
Во соопштението на Крајбрежната стража се вели дека пред да бидат испукани истрелите со кои бродот бил потопен, припадниците на стражата од неколку аргентински бродови ги повикувале кинеските рибари да застанат, но наместо тоа капетанот на кинескиот брод „Лу Јан Јуан Ју 010“, се обидел да избега во меѓународните води.
Никој од вкупно 32-та членови на екипажот на кинескиот брод не настрадал. Сите биле спасени и одведени на копното.
Аргентинските власти вината за инцидентот ја префрлаат на кинескиот брод и неговиот екипаж, тврдејќи дека претходно им испраќале пораки, а подоцна настојувале со посебен маневар со бродовите на крајбрежната стража да го запрат кинескиот брод.
Илегалното рибарење во водите на јужниот Атлантик е стар и добро познат проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот.
Официјален Пекинг реагираше со соопштение на Министерството за надворешни работи во кое се изразува „сериозна загриженост“ за инцидентот и од властите на Аргентина се бара детална истрага за целиот случај.
Инцидентот доаѓа во време кога двете земји значилено ги подобрија и унапредија своите билатерални однсои.