Обилните врнежи од дожд изминативе неколку денови на подрачјето на општина Липково предизивикаа свлечиште и оштетување на регионалниот пат кој води кон селото Ропаљце, информираа денеска од Регионалниот Центар за управување со кризи Куманово.
Патот кој води кон селото Ропаљце е оштетен поради неколкудневните обилни врнежи од дожд.
Раководителот на ЈП „Македонија пат“- секција Куманово, Тихомир Алексовски денеска информира дека делумно е извршена санација на патниот правец, така што, сообраќајот засега се одвива непречено. Најави дека во наредниот период ЈП „Македонија пат“ ќе продолжи со санација на оштетувањето.
Поради врнежите се појавило и свлечиште на локалниот пат помеѓу селата Думановце и Гошинце.
– Преземни се мерки за расчистување, по што сообраќајот се одвива непречено, изјави секретарот на општина Липково, Неџати Османи.