„Денеска, значаен ден во Крива Паланка, иако на дожд граѓаните се собрани во голем број.
Затоа што имаме важни теми за коишто денеска ќе разговараме во Крива Паланка и во неколку населени места од околината.
Но, дозволете да дадам свој коментар за актуелните настани коишто овие денови се случуваат во Македонија.
Државната изборна комисија е независната институција којашто произлезе од Договорот од Пржино и се надеваме дека ќе има доволно време да го заврши она што е најважно во моментов, а и очите на јавноста се насочени кон неа, тоа е прочистувањето на Избирачкиот список“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дадена при средбите со граѓани во Крива Паланка.
„Хаосот којшто го видовме во избирачкиот список навистина предизвикува огромна загриженост кај граѓаните. Ја користам можноста да се заблагодарам на граѓаните коишто ги пријавуваат сите сомнителни или така наречени неконзистентни случаи пронајдени во самиот избирачки список.
Она што преостанува и што зависи од политичарите и политичките партии е регулацијата на медиумите.
Крајно време е да седнеме заедно сите, да ги договореме чекорите и системските решенија за регулацијата на медиумите.
Да ги повикаме политичките партии, еве испраќам апел и до здруженијата на новинари, ЗНМ, МАН, Независниот синдикат на новинарите и сите здруженија коишто ги здружуваат медиумите и медиумските работници, да изнајдеме решение.
Затоа што ова не е само обврска од договорот од Пржино, ова е дел од проценките коишто меѓународната заедница ги соопшти за организирање на фер и демократски избори.
Регулацијата на медумите е обврска и од годишниот извештај на Европската Унија од којшто зависат идните перспективи на Република Македонија.
Без регулација на медиумите не може да има фер и демократски избори. Од тој аспект, треба трезвено да седнеме и да направиме исчекор по ова прашање.
Очекуваме Државната изборна комисија овој викенд да ги соопшти податоците од споредбата на базите. Според нашите информации очекуваме повеќе од 100.000 сомнителни или таканаречени неконзистентни податоци од самите бази на податоци.
Тоа само по себе покажува дека оваа власт не само што ги крадела парите на граѓаните туку ги крадела и гласовите на граѓаните. Ги направила безвредни токму гласовите на нашите граѓани, на граѓаните на Република Македонија.
Оттука, испраќаме порака како сериозни луѓе да ги дозавршиме овие процеси и ајде сите да се подготвиме за избори на 5-ти јуни каде што граѓанинот ќе го има последниот глас и ќе биде комплетно изразена слободната волја на гласање на нашите граѓани.
Денеска во Крива Паланка ќе зборуваме за проблемите на нашите граѓани токму од овде, од Крива Паланка.
Повеќе од 500 семејства се сериозно загрижени, западнати во кредити, без можност да ги вратат тие кредити и да ги платат своите обврски коишто ги имаат како граѓани поради проблемот којшто се јави со Тораница.
Тоа се повеќе од 450 семејства, многу семејство коишто работат во фирмите коминтенти коишто соработувале со Тораница.
Апелираме да се стави на брза лента решението на проблемот со Тораница за да можат да се вратат граѓаните на своите работни места. Сите решенија се ставени во опција.
Ја охрабруваме Владата да се изнајде брзо инвеститор, ако треба да учевствува и во малцинско учество во новата капитализација на фирмата којашто ќе може да ја рестартира Тораница заради тоа што знаеме колку овој проблем е сериозен, којшто надвиснал над цел овој регион, над Крива Паланка и околните населени места.
Ќе разговараме со младите. Ќе разговараме за рабоните места, за перспективите. Ќе разговараме со стечајците, со пензионерите, со земјоделците, со граѓаните од градот и од селата. Ќе разговараме како ќе ја димензионираме иднината на нашата заедничка Република Македонија“, изјави Заев.
За инфраструктура дали ќе ветите нешто конкретно?
Инфраструктурата е значаен дел од нашата програма којашто во декември месец ја усвоивме на Конгресот на партијата. Крива Паланка е еден од од позначајните региони во Македонија. Секако, гасификацијата е еден многу значаен проект којшто ќе предизвика огромни заштеди од енергетски трошоци коишто ги имаат граѓаните. Но ќе предизвика и стимулација за нови инвестиции, токму во овој регион. Комуналната инфраструктура, патиштата, водоводите, канализациите, она што го тишти граѓанинот е нешто коешто мора да биде приоритет за сметка на сите споменици, музеи или други непродуктивни трошоци каде што одеа парите на граѓаните. Има Македонија капацитет, има и буџетот капацитет да се решаваат вистински и конкретни проблеми коишто ги тиштат граѓаните на секој наш дел од Македонија, а секако и Крива Паланка. Сите знаете дека многу се факторите заради тешките состојби во коишто се наоѓа нашето општество и во коешто живеат граѓаните. Крива Паланка е еден од регионите којшто за жал , масовно се празни. Младите заминуваат и во главниот град и по белиот свет, најмногу во Европа. Ова мораме да го спречиме. Не се само работните места. Секако тие се најважни, но инфраструктурата, руралниот развој, урбаниот развој во градот се нешто коешто претставува амбиент на живеење и остава позитивен впечаток кај младите луѓе да планираат, да создаваат своја иднина овде, во своите домашни огништа, одговори Зоран Заев.