По повод 50 годишнината на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одделот и насоката за сонологија со мултимедија при овој факултет започнува со емитување видеа снимени од студентите и професорите на овој оддел. Првата проекција ќе биде вечер во Концертната сала на ФМУ.
Првите две видеа ќе ги претстават концертите на Симфонискиот оркестар на ФМУ под диригентската палка на професорот Саша Николовски во 2004 и 2005 година. На програмата на овие концерти се делата: Водич низ оркестарот за младите – Варијации и фуга на тема од Персл од Бенџамин Бритн, Слики од изложбата од Мусоргски-Равел, Концерт за пијано и оркестар од Морис Равел и Симфонија во де-мол од Цезар Франк. Како солист на пијано настапува Кристина Светиева, тогаш студент, а денес доцент на ФМУ.
Во следните проекции кои во текот на оваа година ќе се одржуваат еднаш месечно ќе биде прикажан дел од богатата продукција на аудио и видео снимки од концертите на студентите, професорите и ансамблите на ФМУ, настапи на други ансамбли, портрети на важни музички личности и друг документарен материјал.
Со овие проекции ќе биде одбележена и 15 годишнината од започнувањето на наставата на одделот и насоката за сонологија со мултимедија при ФМУ кои ја водат професор Димитрије Бужаровски и доцент Трена Јорданоска.