На денешната собраниска седница пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска ги образложи причините, поради кои предлага две мали но суштествени измени и дополни на законот за политички партии:
„Со првата измена ќе се овозможи поголема демократизација на процесот на формирање на политички партии преку укинување на обврската за уверенија за државјанство заверени на нотар од страна на иницијаторите на нова партија. Државјанството се докажува со лична карта, без непотребните бирократски и финансики пречки. Со втората измена се дава можност партите да имаат двајца ко-претседатели, што е во функција на демократизација на раководењето на партиите. Ова е повеќе децениска пракса во Европската Унија, а редовно го користат зелените партии при што имаат двајца претседатели, еден маж и една жена.“
По поддршката од Павле Трајанов, Роза Тупозовска Кареска и Солза Грчева, Поповска заклучи дека постои реална потреба за поголема демократизација на политичката сцена, која вклучува и промена на изборниот модел со една изборна единица, отворени листи и еднаков број мажи и жени на нив. На крајот, Поповска запраша зошто некој би имал против овој добронамерен и практичен закон и кому му пречи демократизација на формирањето и раководењето на партиите?
Законот за политички партии на Лилјана Поповска беше одбиен од мнозинството пратеници, а поддржан беше од 17 пратеници и еден воздржан.