Собраниска расправа за модернизација на Армијата

Од:

Собранието на Република Македонија во рамките на претпладневниот дел од 85. седница расправаше по Предлог законот за дополнување на Законот за одбрана, кој е единствена точка останата на дневниот ред.

Со дополнувањето се предвидува Министерството за одбрана да биде ослободено од плаќање царински давачки и даноци за оружје и воена опрема за модернизација на Армијата на Република Македонија, но и ослободување од ДДВ за прометот на станови и станбени згради со примена на повластена даночна стапка на промет во висина од  5 проценти, за намалување на трошоците на припадниците на АРМ за решавање на станбеното прашање во рамки на проектот „АРМ мој дом“.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека на ваков начин со планот за модернизација Република Македонија во наредните години ќе ги исполни стандардите поставени од НАТО, два проценти од БДП да бидат за одбраната, а 20 проценти од нив за модернизација.

Пратениците од опозициските партии се изјаснија дека нема да го поддржат законското решение пред се, како што рекоа, поради тоа што се бара ослободување од даноци и царини за модернизација без да се наведе колкави средства се предвидени за тоа и колку би било ослободувањето. Нема, рекоа тие, прецизен план како треба да се одвива модернизацијата во наредните години.

Горан Мисовски од НСДП истакна дека ако било понудено само ослободувањето за становите за припадниците на АРМ тие ќе го поддржеле, но не и ослободувањето за модернизација. Издвојте го ова решение, рече, и ќе ја добиете нашата поддршка. 

За пратеникот од СДСМ Горан Сугаревски спорно е што во понудените дополнувања немало никакви бројки за тоа за колкави средства наменети за модернизација станува збор, ниту пак колку ќе биде ослободувањето. Затоа, рече тој, убедени сме дека станува збор за бизнис. Ние, додаде, нема да гласаме на слепо. 
– Ако сакавте да озбезбедите средства за модернизација направете ребаланс на Буџетот, рече Сугарески и додаде дека тоа е нешто што би поддржале. Во Буџетот, кој е огромен, рече Сугаревски, има средства за многу непотребни работи и тие можат да се пренаменат.
Според пратениците од опозицијата спорно било и тоа што станува збор за системски закон, а дополнувањата се носат во скратена постапка.
Владејачкото мнозинство, пак, смета дека модернизацијата на АРМ е неопходна особено, како што потенцираа, во услови на безбедносна криза во Европа.
– За овој закон е потребно двотретинско мнозинство што значи за да помине е потребна широка поддршка во Собранието. Целта на измените е да се ослободи армијата од плаќање ДДВ и царини од 1 до 11 отсто за да може Армијата во следните 10 години да набави ново современо оруже и опрема. Самиот факт дека СДСМ не сака да даде поддршка со тие средства кои во моментов може да ги издвоиме државата да набави нова опрема и оружје, а да потроши помалку средства и да добие поголема количина оружје е скандал. СДСМ денеска ќе гласа против набавка на оружје и модернизација на АРМ, рече Илија Димовски. 
Овој план, додаде, кој претпоставувам дека не може да го знаеме бидејки ако го знаеме тука ќе го знаат и таму кај што не треба е направен од повеќе од 100 луѓе во АРМ во повеќе од 10 тематски области за кои е потребна набавката.
– Потребна е поддршка токму од СДСМ за овој закон, заради тоа што овие две три години сите соседи и од поблиското и поширокото соседство набавуваат оружје. Македонија се соочува со безбедносна криза која е најголем безбедносен ризик од 2001 година. Поигрувањето на политика и живеењето во фиктивен свет и прикаски дека некој од тоа ќе правел криминал е крајно неодговорно, несериозно и недржавничко однесување. Апелирам и ве замолувам да размислите како ќе гасате за овој закон, рече Димовски.
Со овој став  се согласува и неговиот сопартиец Владимир Ѓорчев кој истакна дека сите лидери на европските земји се согласни дека Европа се соочува со криза најголема по втората светска војна и согласно на тоа се однесуваат. 
–  Ваквиот став на СДСМ, за жал, ја отежнува, одложува и усложнува набавката на опрема и оружје за АРМ и тоа не е добро за Македонија, рече Ѓорчев.  
Тој посочи дека опозицијата била против и кога се опремувала и полицијата и ако власта ги послушала сега државата нема да можела да се справи со мигрантската криза.
За да се донесе овој закон е потребно двотретинско мнозинство или 82 пратеници. Расправата по овој закон ќе продолжи откако ќе бидат исцрпени точките од 96. седница, со кои Собранието ќе продолжи со работа.

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски