Решението од Управниот суд кое денеска го објави министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски со кое се отфрла тужбата на заменик министерот Диме Спасов не е конечно и правосилно, бидејќи не е завршена судската постапка со оглед на тоа на него има право на жалба до Вишиот Управен суд и против него ќе биде поднесена жалба до овој Суд, реагира Спасов на денешната прес-конференција на Ташевска Ременски.
Судските постапки, додава Спасов, завршуваат откако ќе се искористат сите правни лекови и дури тогаш одлуките на судот стануваат правосилни.
– Сакам да ја информирам јавноста дека и насловот од соопштението за прес-конференцијата на техничката министерка Фросина Ременски е неточен и манипулативен и води до заблуда односно лажно се информира и наведува јавноста дека судот ги отфрли тужбите и времените мерки од дополнителниот заменик министер Диме Спасов како беспредметни, при што ова не е вистина односно не се работи за повеќе тужби туку само за една тужба е отфрлена и ова решение на Управниот суд воопшто не е правосилно односно судската постапка не е завршена и ќе биде поднесена жалба до Вишиот Управен суд, вели Спасов во пишаната реакција.
Според него, Ташевска Ременски со денешната прес-конференција покажала страв и паника од последиците со кои се соочува од своето, како што наведува, незаконско работење, и лажен триумфализам и затскривање зад нецелосни информации, поради нејзиното несовесно и незаконско работење и грубото партизирање на институциите.
Спасов од Ташевска Ременски уште еднаш побара да и одговори на јавноста зошто не ги спроведува 14-те судски решенија кои, како што посочува, се правосилни, но и одговор за, според него, грубата партизација на институциите под Министерството за труд и социјална политика која се врши изминатите четири месеци.