Почнуваат Деновите на светската книжевност

Од:

Со „Празникот на пролетта во кинеската книжевност“, денеска почнува серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ чија цел е популаризација на книгата.

„Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ се организира во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

За значењето на овој празник и за антологиските поетски творби инспирирани од него ќе зборува Игор Радев. Сите љубители на пишаниот збор, пак, кои ќе присуствуваат на настанот, ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Најважниот и најдолгиот традиционален празник во Кина е Празникот на пролетта, односно кинеската Нова година, која се одбележува во континуитет веќе 4000 години. Овој семеен празник трае 15 дена и датумите на кои се одбележува се менуваат секоја година согласно лунарниот календар. Оваа година Новата година започна на 8 февруари, а одблежувањето заврши со Празникот на фенерите на 22 февруари. Генерации поети и писатели во своите дела ги имаат опеано и овековечено обичаите, обредите и симболите поврзани со овој празник. Големата полна месечина чиј сјај е засилен од светлината на фенерите на последниот ден на овој празник, е важен мотив во лирските творби на многу значајни кинески поети.

Во текот на целата 2016 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори. Библиотеката ќе биде отворена за македонските автори од сите генерации кои имаат објавено книжевни дела со високи естетски вредности, ќе им овозможи промовирање и остварување непосредни средби со љубителите на нивните книжевни дела и со заинтересираните читатели.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска