Вкупно 142 пратеници на владејачката Конзервативна партија, на премиерот Дејвид Камерон се за тоа Велика Британија да ја напушти ЕУ, покажува истражувањето што го направи Би-Би-Си.
Другите 120 се за тоа земјата да остане членка на Унијата, а 68 пратеници се уште не се определиле на која страна ќе и се приклонат.
Петмина министри- меѓу кои се министерот за правда Мајкл Гоув, за труд и пензија Иан Данкан Смит, поранешен лидер на ториевците, како и министерот за Северна Ирска Тереза Вилерс, веќе објавија дека за референдумот за ЕУ, што ќе се одржи на 23 јуни, ќе агитираат земјата да продожи сама, надвор од Унијата.
На петмината министри им се приклучи и актуелниот градоначалник на Лондон Борис Џонсон кој долго време размислуваше која линија во партијата да ја подржува за референдумот.
Британските аналитичари тврдат дека одлуката на Џонсон да го раскине сојузништвото со Камерон, претставува „сериозен удар„ за лидерот на партијата и премиер во неговото настојување да ги увери Британците дека останувањето во ЕУ е подобро за земјата.
Според Камерон членството во ЕУ е подоброто решение за британската безбедност и за позицијата на земјата во Европа и во светот, но и за „обичните луѓе„ затоа што надвор од Унијата, Британија ризикува да не биде толку интересна за инвеститорите, како што е сега, а тоа значи ризик за домашната економија, од помалку работни места и намалена вработеност.
Борис Џонсон кој не ги крие амбициите да ја наследи лидерската функција во партијата, како и другите сметаат дека договрот што го обезбеди Камерон, на последниот Самит на ЕУ и „специјалниот статус„ за Британија, се недоволни за „целосната сувереност„ на земјата.
Големо мноизнтсво од владините министри, сите од најважните ресори и членови на владата, застанаа зад премиерот, па официјлната позиција на владата на Британија е земјата да остане во ЕУ.
Камерон од денеска е на средби со гласачите, прво во англиската област Беркшир, а потоа и низ другите делови од Англија, каде евроскептицизмот е најсилен. Даунинг стрит 10 најави дека премиерот ќе ги посети сите делови на Велика Британија.
Поголемиот дел од вкупно 650 пратеници во Вестминстер, се на позиција дека земјата не смее да прави експерименти и дури да ризикува расцеп на Британија, со заминувањето од Унијата, по повеќе од 40 години членство.
Безмалку сите лабуристички пратеници се противат на напуштање на ЕУ, а против разделбата со Унијата се и сите пратеници од Шкотската национална партија СНП, од либералдемократите, од велшката национална партија Плејд Кимру, како и од републиканската, католичка партија Шин Феин од Северна Ирска.
Со „бунтовничкиот“ блок на ториевците се само осумтемина пратеници на северноирската Демократска унионистичка партија ДУП и единствениот пратеник на антиевропската Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП).