На одржаната седница на Извршниот одбор синоќа, ДОМ го потврди својот принципиелен став да се вложат максимални напори за да се излезе со мирна разврска од политичката криза.
ДОМ предлага да се оди со разумно решение до предвремени парламентарни избори. Тоа значи денеска пред полноќ да се изгласаат два акта: нова Одлука за поништување на Одлуката за распуштање на собранието и Измена на Изборниот законик во кој стои датумот 24 април како датум за избори. Што се однесува до Изборниот законик, и така не е вообичаено да стои во него датум, зашто тој треба да важи за било кои следни избори – рече портпаролката Маја Морачанин.
Прашањето за следниот датум на предвремените парламентарни избори е второстепено во однос на условите за одржување слободни и демократски избори. Значи, бараме прочистен избирачки список и регулирана медиумска сфера, за да може на крајот сите учесници да ги признаат резултатите и да знаат дека се одраз на вољата на граѓаните, која мора да се почитува.
ДОМ апелира за сериозен и одговорен однос од сите политички партии во оваа критична фаза од политичката криза. Личните и партиските интереси треба да се стават настрана и да се делува во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани. Секое еднострано делување може да не вовлече во уште подлабока криза, со можни регионални димензии – изјави на прес конференцијата портпаролот Тони Ристов.