За уважување на препораките на меѓународната заедница поврзани со изборите, Либералната партија ги повикува политичките партии и лидерите-потписници на Договорот од Пржино на доследност и одговорно однесување.
„Имајќи ги предвид тековните деловнички и законски одредби, Либералната партија во денешното соопштение истакнува дека во текот на денешниот ден треба:
– да биде предложен Закон за измена на изборниот законик, со кој се брише предвидениот датум за изборите;
– да биде предложена Одлука за укинување на Одлуката за распуштање на Собранието и, за таа цел,
– да биде побарано свикување итна седница за утре, 23 февруари на која ќе бидат ставени на дневен ред и усвоени предложените одлуки.
– Имајќи ја предвид јасната определба на меѓународната заедница дека одлуката за ова треба да е резултат на одговорното однесување на партиите од власта и опозицијата, Либералната партија потсетува дека процедуралните одредби не смее да бидат запоставени и да остават маневарски простор Собранието да не се произнесе по ова формално, но клучно прашање во насока на обезбедување кредибилни, фер и демократски избори на дополнително определен датум, се наведува во соопштението од Либералната партија, која сугерира, предлагачи на ваквите акти и на одржувањето на вонредната седница на Собранието да бидат пратениците кои ги прифаќаат оценките на меѓународната заедница“, соопштува ЛП.