Австрија ќе биде принудена уште повеќе да ги намали веќе воведените квоти за прифаќање на бегалци, изјави денеска министерката за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер.
– Неопходно е уште повеќе да се намали лимитот за прифаќање на бегалци. Многу сум задоволна од веќе донесеното решение за ова прашање. Ќе се придржуваме кон него, истакна Микл-Лајтнер на прес-конференција.
Австрија денеска воведе ограничување на бројот на бегалци, кои можат да влезат во земјата. Властите дневно ќе прифаќаат најмногу до 80 барања за азил и најмногу до 3.200 мигранти, „кои планираат да побараат азил во некоја од соседните земји“.
Одлуката на Австрија за воведување дневни квоти за мигранти беше скептично прифатена од страна на Германија, која смета дека ваквите мерки можат да ги нарушат законите на ЕУ.