Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) соопшти дека конфликтот во Украина сериозно засегнал 580.000 деца во близина на линијата на фронтот и во регионите на немирниот исток од земјата што не се под контрола на Владата, пренесуваат американските медиуми.
УНИЦЕФ посочи дека 200.000 деца, или над една третина од засегнатите, имаат потреба од психосоцијална поддршка.
Претставничката на УНИЦЕФ за Украина, Џована Барберис, ги повика сите страни во конфликтот да осигураат „безбедно движење и пристап на хуманитарните организации до децата со потреби“.
Претходно годинава Фондот побара дополнителни 54,3 милиони долари за покривање на хуманитарните потреби на најранливите категории деца во зоните зафатени со конфликтот.
– Двете години на насилство, пукања и страв оставија неизлечливи траги врз илјадници деца во источна Украина,забележа Барберис.