Дојче веле – Бон
Пред 20 години во Германија поради војната во Босна и Херцеговина, азил побараа 350.000 бегалци. Денес има многу повеќе бегалци, но политиката кон нив не се промени.
Сегашната состојба со бегалците за Германија не е ништо ново. Слични, речиси идентични дебати се водеа и пред 20 години. Канцеларката Ангела Меркел пред неколку дена отстапи од својот, многу цитиран слоган „Ќе успееме!‟ и рече дека Германија на многу бегалци пружила само привремена заштита и дека очекува бегалците од Сирија и Ирак да се вратат во своите земји откако ќе завршат борбите.
Бегалците како „гости на одредено време‟
Тоа е проблематична дебата во погрешно време, кое многу потсетува на 90-тите години за време и по војната во Босна и Херцеговина – така изјавата на Меркел ја коментира Бернд Мешовиќ, заменик директор на германската организација Про азил.
Мешовиќ потенцира дека загарантираното право на луѓето да бидат признати како бегалци со сегашната дебата е деградирано во еден вид „право на гостување на одредено време‟ – како што тоа порано беше случај со бегалците од поранешна Југославија. А тоа, вели тој, не придонесува за интеграциите.
„Германија тогаш постапи поинаку од другите европски држави. На босанските бегалци, со мал број исклучоци, не им беше признато својство на бегалци и наместо тоа им беше доделен статус на лица со привремена заштита. Откако дојде до склучување на мир во Дејтон во 1995 година, им беше кажано: го имавте тој статус, а сега завладеа мир, значи сега се враќате што е можно побрзо‟ – се сеќава Мешовиќ.
Така и беше, бидејќи тоа германските политичари го најавија на бегалците уште при влез во Германија – која официјално само „го трпеше‟ присуството на мигрантите. До летото 1998 година од 350.000 босански бегалци, колку што беа на почетокот, 250.000 од нив ја напуштија Германија, а тоа во септември таа година во својот извештај го наведе тогашниот ополномошник на германската влада за бегалци Дитмар Сле. Тоа беше во согласност со договорот за постапно враќање на бегалците кој Германија и Босна и Херцеговина го потпишаа кон крајот на 1996 година.
„Второ прогонство‟ од Германија
Притоа германската влада, како во изминатите години, направи грешки од кои сега може да учи, вели Бернд Мешовиќ. Според неговите зборови, тогаш не било индивидуално проверувано дали тие луѓе биле гонети, мачени или силувани. На нив се вршел толку силен притисок да се вратат, што на многумина не им преостанало ништо друго туку да се преселат во други држави. Во најголем број на случаи се работело за луѓе кои во Босна повеќе немале куќи и по војната таму повеќе не се чувствувале безбедно. Мешовиќ смета дека е срамота тоа што на тие луѓе шанси за живот им пружија САД и Канада, а не Германија или некоја друга европска земја. Тој се сеќава дека некои тоа го нарекувале и „второ прогонство‟.
Притоа, многу од тие луѓе, иако без перспективи за останување, на крај од својот престој во Германија биле добро интегрирани во новото општество. Многу бегалци имале роднини или пријатели во оваа земја, гастарбајтери кои ги вдомиле, гарантирале за нив, па им обезбедиле работа. Децата оделе на училиште и во најголем број на случаи успеале брзо да научат германски јазик.
„Ако во годините од 1996 до 1999 година, тие илјадници луѓе кои од очај емигрирале подалеку во САД, како и многу луѓе со трауматски заболувања и жртви на мачење, некој ги поштедеше од таа болка на крајот на престојот во Германија, нивната интеграција би била успешна. Но тој притисок на луѓето да се вратат, ги довело до многу тешки психички состојби. Сметам дека тоа се жртви на политиката‟ – вели Мешовиќ и потенцира дека сега е важно такви жртви да нема и меѓу бегалците од Сирија и Ирак.
Од бегалци до примерни доселеници
Кога на тие подрачја би се вратил мирот, сигурно, како и во случајот со поранешна Југославија, би имало многу бегалци кои би сакале да се вратат дома, смета Мешовиќ и вели дека, би имало и такви кои добро би размислиле дали да се вратат. Бидејќи, некои луѓе се прогонувани и мачени. И покрај тоа, иднината е неизвесна и затоа е важно со интеграциите да се почне што порано. Така би можело да се избегне заобиколен пат по кој морале да поминат многу бегалци од поранешна Југославија: некои од бегалските деца, кои добро го научиле германскиот јазик и растеле во Германија во најважниот период од својот развој, се вратиле во последните години во таа земја, како примерни доселеници какви што барала Германија…