По дуелот Федерер – Типсаревиќ во О2 арената во Лондон, Новак Ѓоковиќ го доби пехарот за најдобар тенисер годината.
Ова е втора година по ред за српскиот тенисер, која ќе ја заврши на првото место на АТП листата.
Новак е добитник и на наградата Артур Еш, која му е доделена поради придонесот во хуманитарната работа преку фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, како и неговата улога во УНИЦЕФ.
Ѓоковиќ имаше одлична година. Ја одбрани титулата на Аустралијан опен, во шест финалиња од Мастерс серијата, ги освои трофејите во Мајами, Торонто и Шангај, победи и во Пекинг, на Ролан Гарос и УС Опен дојде до финалето. На завршниот турнир во Лондон дојде со резултат 70 победи и 11 порази.
„Исклучително ми значи, особено наградата која ја примив за придонес со фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, фондација која го организираше и својот прв хуманитарен настан во Њујорк оваа година. Навистина беше фантастично. Тоа не е само мој успех, туку успех пред се за луѓето кои работат за фондацијата и секојдневно се вклучени во хуманитарните акции.
– Сите ние тежиме кон тоа што повеќе енергија и време да им посветиме на децата и луѓето кои заслужуваат да имаат исти шанси за остварување на соништата какви што имаме ние. Што се однесува за првото место, тоа е секако големо остварување. Веќе втора година по ред во Лондон ја добивам таа награда, фантастично чувство, се чувствувам исполнет иако сме сред турнир кој е последен во годината и каде што се обидувам да одиграм што е можно подобро.
– Имајќи во потсвест дека ќе завршам како број еден е сигурно големо олеснување и навистина сум задоволен со сезоната во која сите беа многу изедначени, многу тенисери можеа да бидат на моето место и да ја добијат оваа награда. Секако благодарен сум и на тимот кој ми пружи голема поддршка“, изјави најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ.