Њујорк тајмс – Њујорк
Плановите на Администрацијата на Барак Обама за зголемивање на воените трошоци во централна и источна Европа за четири пати, во голема мера како одговор на агресијата на рускиот претседател Владимир Путин во Украина и на други места, во регионот беа дочекани топло, но и со претпазливост.
– Јасно е дека Европската унија веќе не може адекватно да одговари на демонстрациите на сила од страна на Русија, затоа е смирувачки тоа што САД конечно тука излегуваат на сцената, рече Роман Кузинар, професор во Институтот за меѓународни односи при Варшавскиот универзитет.
Анексијата на Крим од страна на Путин во 2014 година и продолжувањето на неговата поддршка за сепаратистите во источна Украина, заедно со провокативните активности во украинскиот воздушен простор, засиленото патролирање на подморници и воените маневри покрај западните руски граници, вознемири многу од поранешните комунистички земји во регионот и предизвикаа засилени барања за конкретен западен одговор. Веста од Вашингтон беше позсравена од високи претстаници на неколку влади.
– Ние достоинствено ја оценуваме одлуката за претседателот Обама да ги зголеми расходите за засилено воено присуство на територијата на сојузниците од НАТО на линијата на фронотот, се посочува во декларацијата на чешкото Министерство за одбрана. – САД се лидерот на Атланската алијанса и имаат незаменлива улога во поддржувањето на силен и надежен колективен механизам за одговор, се потенцирас во документот.
Во изјавата на летонскиот министер за одбрана, Рајмондс Бергаманис, се вели дека „одговорот е она кон што се стремиме и одлуката на американските власти да го складираат военото оружје во Централна и Источна Европа ќе испрати јасна порака за подготвеност и одлучност“.
Аналитичари велат дека Путин веројатно ќе одговори со засилување на своите воени ефективи, иако се сомневаат дека тоа би дало притисок за нов натпревар во вооружувањето.
– Русија нема добро да го прими засилувањето на американскиот контингент во Европа во време кога независно од севкупните политички околности, нема ризик од директна воена конфронтација со НАТО, вели Игор Коротченко, главен уредник на руското списание „Национална одбрана“. – Тоа ќе го наруши балансот на воениот систем во Европа. Едно нешто е кога Американците располагаат со свои сили во Шпанија, но сосема друго кога ги распоредуваат во Полска, Романија или во балтичките земји, додава тој.
– И покрај тоа, рускиот одговор нема да биде хистеричен, додаде Коротченко.
Уште претходно, на средбаа на врвот на НАТО во Велс, високи западни претставници објавија планови за создавање на бази за складирање на оружје и за распоредување на војски во Источна Европа, за да биде засилена способноста на НАТО за брз одговор во случај на руска агресија.
Администрацијата на Обама предвидува воени трошоци во висина од над 3,4 милијарди долари во регионот за следната година – што е далеку над предвидените 786 милиони долари во сегашниот буџет, затоа што ќе распореди ново оружје и цела тенковска бригада некаде во регионот, на ротациска основа, но за постојано.
Според служебници во Администрацијата, ротациското распоредување ќе им овозможи на САД да не ги прекршат основните начела на договорот меѓу НАТО и Русија од 1997 година, според кој, двете страни ветуваат дека нема да распоредуваат голем број восјки покрај границите меѓу Русија и земјите-членки на Алијансата.
Владините лидери во Полска и во балтичките земји тврдат дека агресивните дејствија на Русија во Украина веќе го прекршиле тој договор и ги повикаа американските лидери да распоредат постојани војски во регионот. Новата десничарска Влада во Полска, за волја на вистината, го претвори распоредувањето на војските на НАТО во регионот во своја главна надворешно-политичка цел.
Претстои средба на врвот на НАТО во Варшава во текот на летото и американските предлози им претходат на некои од барањата кои веројатно ќе бидат поставени таму.
– Како конечно да сфатија дека нивниот досегашен интерес кон тој дел од Европа не им носи никаква полза. Нивната сегашна одлука ќе биде обид тоа да биде компенизрано, рече Лука Кистер, експерт за надворешна политика и безбедност од Колегиум сивитас вцо Варшава.
А Радко Хоковски, извршен директор на чешката истражувачка организација Европски вредности во Прага, рече дека се надева оти сојузниците во Европа одговорат на примерот на САД. – Европејците навистина треба да вложат повеќе напори во својата одбрана за да не бидат како дете кое директно чека неговата американска мајка да дојде да го спасува, затоа што на нив не им се допаѓа да го трошат своето богатство за својата сопствена безбедност, рече тој.
И покрај руската агресија европските воени расходи опаѓаа во изминатите три години, според годишниот отчет на НАТО за 2015 година. Иако, Алијансата ги обврзува своите земји-членки да одделат два проценти од својот БДП за воени цели, само неколку земји од Европа се придржуваат на тоа.
– Русија се уште силно се гледа како закана. Затоа порешителни чекори и мерки за засилување на воените можности од страна на САД ќе бидат најтопло поздравени, рече Раду Магдин, политички аналитичар од романската престолнина Букурешт.
Романија, Полска и балтичките земји се особено гласни во критиките кон руската анексија на Крим и кон продолжувањето на поддршката за сепаратистите во источна Украина.
– Тоа не е сигнал за враќање кон политиката затегнатост од времето на Студената војна, кое се градеше на многу силното американско присуство во Европа, вели Еоин Макнамара, експерт за НАТО од Тартускиот универзитет во Естонија. Според него, на засилениот американски ангажман треба да се гледа како на „важна првична инвестиција“ за претстојното американско воено позиционирање од нов вид во Источна Европа.
Но сите не реагираат позитивно на поголемото американско присуство, велат некои аналитичари. Во некои земји, како Чешка, каде некои лидери се повеќе се додворуваат кон Москва, американскиот чекор може да биде оценет како контрапродуктивен.
– Тонот во земјата се поизразено го дава претседателот Милош Земан, кој отворено зборува за укинување на санкциите врз Русија и би гледал на тоа како на спротивна насока, вели Ерик Бест, Американец кој живее во Прага и работи во списанието за политика и бизнис „Флајт стрит“.
Аналитичари во Москва се обидуваа да ја прогнозираат реакцијата на Путин. Нивните мислења се совпаднаа со тоа дека тој одговор скоро со сигурност ќе вклучува повеќе војски и оружја по западната граница на земјата.
– Она што ќе се случи е дека од една страна Русија ќе продолжи да ја развива уште повеќе воената инфраструктура во своите западни реони, кои до само пред пет години беше прилично запоставена. Од друга, новите оружја ќе бидат распоредени во западниот наместо во источниот дел на Русија, рече Руслан Цухов, директор на московскиот Центар за анализи на стратегии и технологии.
Претходно цитираниот Коротченко се согласува дека новите руски вооружени системи веројатно ќе бидат поставени во западниот реон. Но. тој не очекува да има големо зголемување на руските воени расходи – нешто кое Кремљ тешко дека ќе може да си го дозволи при сегашните ниски цени на нафтата и меѓународните санкции, кои ја обременуваат руската економија.
– Ние добро помниме како заврши трката во вооружување за Советскиот Сојуз, и нема да ја повториме таа грешка, рече Коротченко.