Мажот за кого постои основано сомнение дека минатата недела ја активира бомбата во сомалискиот патнички авион, првично имал намера да се качи во турски авион, информира претставник на авиокомпанијата „Дало ерлајнс“.
Инцидентот се случи пред шест дена, непосредно по полетувањето на авионот. По експлозијата, авионот успешно се приземји благодарение на присебноста на српскиот пилот Владимир Водопивец (64), пренесува Танјуг.
Француските медиуми наведуваат дека бомбашот е патникот кој загина во инцидентот.
– Патниците требало да се качат во авион на „Туркиш ерлјанс“, изјави Мохамед Ибрахим Јасин Олад од компанијата „Дало ерлајнс“.
Бидејќи турскиот авион не се појавил на пистата, „Дало ерлајнс“ се согласил да ги превезе патниците до Џибути.
Претставници на сомалиската разузнавачка агенција, кои ја истражуваат експлозијата во авионот, вчера објавија снимка на која се гледа дека на еден од патниците му е даден лаптоп во кој наводно била скриена бомбата.
Националната разузнавачка и безбедносна агенција (НИСА) наведе дека снимка од безбедносната камера открива дека двајца мажи му го дале лаптопот на осомничениот бомбаш.
– Истрагата и натаму е во тек, а досега околу 15 лица се уапсени. Резултатите од прелиминарната истрага покажуваат дека бомбата била во лаптопот што го внел еден од патниците, изјави неименуван безбедносен претставник.
Сомалискиот министер за сообраќај и авијација, Али Ахмед Џамак, потврди дека експлозија на бомба била причината што авионот во вторникот мораше принудно да слета во Могадишу.
Според него, потврдено е дека дошло до експлозија на бомба во авионот и дека постоела намера сите во авионот да бидат убиени.