„Нова Македонија“ ги врачи наградите „Личност на годината“ за 2015-та

Од:

Редакцијата на „Нова Македонија“ денеска ги врачи признанијата „Личност на годината“ за 2015-та на осуммина јавни личности од различни општествени сфери, кои ја одбележале минатата година и со своите постигнувања ја афирмирале Република Македонија. 

Годинашни лауреати се поетот Никола Маџиров, тенорот Благој Нацоски, хуманитарката Ленче Здравкин, бизнисменот Глигор Цветанов, композиторот Дуке Бојаџиев, косопственикот на продукцијата Фх3х Кри­сти­јан Да­ни­лов­ски, пливачот маратонец Евге­ниј Поп Ацев и ракометарот Ки­рил Ла­за­ров.

Весникот му додели награда и на својот фотограф Горан Анастасовски чии фотографии за природата и дивиот животински свет ги објавија светски медиуми, како Нешенал џиографик, Ројтерс, Дејли њуз, Нејчрс бест фотографи…, а Дејли мејл неодамна го прогласи за „Крал на фотографијата“. 

Наградата „Личност на годината“ се доделува од 2012-та. Главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“ Александар Димковски рече дека редакцијата на најстариот дневен весник чувствува посебна обврска да ја негува традицијата и да ги вреднува напорите и постигнувањата на оние личности кои се издвоиле и придонеле за афирмација на својот народ и својата држава во пошироки рамки.

– Нашите годинашни лауреати се токму такви личности кои се избрани по широка дебата меѓу новинарите на весникот. Постои квалитет што човек мора да го поседува за да успее во нешто што го работи, а тоа е одреденост кон целта, сознание за тоа што сака да се постигне и огнена желба тоа да го направи. Нашите победници ги поседуваат сите овие квалитети и уште повеќе од тоа – тие секогаш гледаат надвор од рамката, ги надминуваат границите и поставуваат нови граници, секој во својата област, рече Димковски. 

Организаторот ги претстави успесите на годинашните лауреати во 2015-та: Маџиров покрај бројните настапи, читања и препеви, стана член на Европското книжевно жири, избран од Европската книжевна асоцијација со седиште во Париз; Нацоски настапи во Миланска скала во „Турандот“ за отворањето на ЕКСПО и дебитираше во Јужна Кореја; Ленче Здравкин ги доби епитетите „ангел на бегалците“ и „современа Мајка Тереза“ за својата несебична грижа и помош за мигрантите низ Македонија; Цветанов ги пласираше брендовите на своите кондиторски производи на меѓународниот пазар и неговата „Макпрогрес“ стана една од најбрзорастечките компании во земјава.

Бојаџиев лани имаше настапи на двете страни од Атлантикот и во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк; продукцијата Фх3х на Даниловски во 2015-та работеше на 17 холивудски филмови од кои два се номинирани за Оскар за визуелни ефекти; Поп Ацев стана светски маратонски првак во Гран-при серијата и прв Македонец кој победи на Охридскиот пливачки маратон во неговата 29-годишна историја; Кирил Лазаров минатата година стана прв македонски ракометар со титула во Лигата на шампионите и прв ракометар во светот што надмина илјада погодоци во елитното континентално натпреварување.

Би можело да ве интересира

Половина милион евра за одржување на Вила Водно и НИП Нова Македонија

Ана Ололовска