Стојковски: Творечкиот дух на Прличев инспирација за македонските поети

Од:

Наградата што го носи името на големиот Григор Прличев несомнено претставува огромна чест за секој македонски поет. Поврзувањето на Манифестацијата „Прличеви беседи“ и самиот Прличев со новите поетски дела секако е благородна идеја оттаму што без сомнеж се работи за најголемиот македонски поет досега. Тоа го истакна Глигор Стојковски, лауреатот на наградата „Григор Прличев“ за 2015 година за неговото авторско дело – поемата „Завет, јад“.

На денешната свеченост на врачувањето на наградата одржана во Охрид, лауреатот Стојковски за самиот конкурс за најдобра поема истакна дека претставува можност, но и предизвик за авторите да го негуваат тој специфичен уметнички израз и веќе дваесеттина години да создаваат солиден фонд поеми.

Претседателот на жири-комисијата на конкурсот за доделување на наградата Бранко Цветкоски образложувајќи ја одлуката за избор на творбата „Завет, јад“ за најдобра, рече дека таа се издвоила на прво место поради исхармонизираните квалитети, лирско-епскиот пев, како и благодарение на обновата на темата што го допира македонското национално достоинство.

– Тој творечки порив што го поседува Стојковски, односно обновата на нашето самочувстрвие во денешно време, како и одлично изведената поема, ритмички и композициски, заслужува да биде меѓу редицата најдобри поеми издвоени преку овој конкурс, рече Цветкоски.

Денешната свеченост се одржа во рамки на дводневната манифестација „Прличеви беседи“, што веќе шест децении го слави ликот и делото на големиот македонски поет и преродбеник од 19-тиот век, ловороносецот од Охрид своевремено ословуван како „втор Хомер“. Прличев во 1860 година за неговата поема „Сердарот“ ја добива првата награда на конкурсот во Атина, дело што се смета за апсолутен врв на сиот влог во уметноста на зборот што тој ја дал во неговото творештво.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се одбележува 123-годишнината од неговото упокојување ќе биде заокружена утре со панихида на неговиот гроб во родниот Охрид, како и со традиционалната „Охридска визита“ во неговата родна куќа, каде слово за неговото дело ќе одржи проф-др. Георги Сталев Попоски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска