Околу 4.200 нови случаи на заболени од малигни заболувања се регистрирани минатата година, покажуваат податоците на Клиниката за радиотерапија и онкологија, кои денеска на конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден за борба против рак под мотото „Ние можеме. Јас можам“ ги соопшти претседателот на Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“, Биба Додева.
Посочи дека најзастапени кај мажите се ракот на белите дробови, простатата и колоректалниот карцином, на високо ниво е и бројката на абдоменалните видови рак, а кај жените, пак, ракот на дојка има највисока инциденца, на второ место е колоректалниот карцином, па ракот на белите дробови, на матката и на грлото на матката.
– Во Македонија стапката на смртност од рак во периодот од 2000 до 2012 година е зголемена за дури 9 отсто. Во другите земји во Европа стапката на смртност континуирано опаѓа, на пример во Германија е намалена за 15 отсто, во Грција за 14 отсто, во Словенија за 7 отсто итн., нагласи Додева.
Маја Иванова, сопруга на претседателот на Република Македонија, рече дека огромен предизвик за секој од нас е кога човек може да се издигне и да пронајде сили да ги охрабри болните кои ги пребродуваат најтешките моменти во својот живот и да им ја пружи неопходната поддршка и помош, а најголема инспирација се оние кои ја победиле подмолната болест и не потклекнале пред неа.
– Проекциите на статистичките податоци за смртноста од малигни заболувања на глобално ниво за наредните 20,30 или 40 години се поразителни, едноставно вознемирувачки. Проценката на смртноста од ракот е огромна бројка, милиони човечки животи. Како и во секоја земја, така и во Република Македонија постојат многу страни во битката против ракот. Постигнувањето на партнерски однос меѓу сите страни е предиспозиција за успешно менаџирање на борбата против канцерот, рече Иванова.
Преку постигнување на принцип на еднакво партнерство меѓу државните органи, здравствените институции и здруженија на пациенти, нагласи Иванова, неизбежни се позитивните промени и позитивните резултати.
– Мораме да бидеме проактивни, мораме да преземеме конкретни мерки и акции. Голем исчекор во таа насока е поставувањето на малигните болести на ниво на приоритет во здравствениот систем на Република Македонија, а уште повеќе прогласувањето на 2016 година за година на борба против ракот во Република Македонија, да имаме сите исполнета агенда и да водиме бројни активности за заедничка борба против ова заболување, истакна Иванова.
На конференцијата беше објавено и правно формалната регистрација на Сојузот на здруженија „Алијанса на пациентски организации“, во која членуваат: Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“, Здружението на граѓани за превенција и заштита на заболени од хепатитис, ХИВ и други заразно преносливи вируси „Хепар центар“ – Битола, Здружение на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ – Битола, Антиканцер здружението „Животна искра“ и Здружението за заштита на правата на болните од малигни заболувања и нивните семејства „Пеперутка“.
Иванова го поздрави промовирањето на „Алијансата на пациентски организации“ и посочи дека петте организации кои се дел од неа имаат значајна обврска за годинава, да бидат едни од главните носители на активностите во годината на борбата против ракот во Република Македонија.
Јованка Костовска од Министерството за здравство рече дека во Република Македонија малигните болести се на второ место во структурата на причини за смрт веднаш по болестите на циркулаторниот систем. Смртноста од малигни заболувања во периодот од 2010 до 2014 година, појасни таа, не бележи тренд на намалување, но постои тренд на намалување на смртноста од карцином на дојка (308 во 2010 година, 279 во 2014 година) и рак на грлото на матката (6,5 промили во 2000 година, 4,1 промили на 100.000 жени во 2014 година). Според неа, ова се должи на преземените мерки за рано откривање на болестите.
– Раното откривање и третманот на малигните заболувања е еден од главните приоритети на Министерството за здравство. Секоја година се изготвува Програма за рана детекција на малигни заболувања, во чии рамки се реализираат повеќе превентивни активности, меѓу кои се: скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скринингот за карцином на дојка, посочи Костовска.
Нагласи дека податоците покажуваат оти во континуитет расте свесноста кај населението за потребата од превентивни прегледи, зголемен е процентот на лица кои се јавиле на скрининг за карцином на грло на матка.
– Ракот на грлото на матката се наоѓа на второ место по морбидитет во однос на останатите малигни заболувања кај женската популација. Согласно годишната Програма за рана детекција на малигни заболувања за годинава, во делот на скрининг на рак на грло на матка продолжуваат активностите за подигнување на свесноста за навремен гинеколошки преглед, рече Костовска.
Исто така, од април минатата година, појасни, стартуваше мамографскиот скрининг за жените над 50 годишна возраст, кој се извршува во 18 здравствени установи. Потенцира дека Министерството за здравство во континуитет е фокусирано на унапредување на условите за лекување на пациентите и примена на најсовремени достигнувања во дијагностиката и третманот на пациентите.
– Набавени се шест нови дигитални мамографи за потребите на 6 јавни здравствени установи, дел се веќе инсталирани и пуштени во употреба, а дел се во фаза на инсталација. Нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Велес, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани, а вкупната инвестиција изнесува 40 милиони денари. Дополнително се набавуваат и нови мамографи за уште четири јавни здравствени установи, истакна Костовска.
Укажа дека во завршна фаза е средувањето на просторот за поставување нови линеарни акцелератори во клиничките болници во Битола и Штип, а во тек е постапка за набавка на нов акцелератор за ГОБ „8 Септември“, со што ќе се овозможи примена на најсовремени радиотераписки техники и целокупно подигнување на квалитетот на здравствените услуги од оваа област. – Дисперзирање на онколошката терапија е најнова мерка на Министерството за здравство, со цел таблетарната и хемотерапијата болните од малигни заболувања да ја добиваат во близина на местото на живеење, додаде Костовска.
Укажа на превентивните мерки за борба против рак кои вклучуваат здрав начин на живот, здрава исхрана, физичка активност, избегнување на стрес, загадена околина, алкохол, цигари, радијациско зрачење, директна изложеност на сонце итн.