Независно од тензиите што се кренаа околу избирачкиот список и комплексот прашања од медиумската сфера, за НСДП најчуствителна точка од договорот меѓу четирите партии во државата е специјалното обвинителство.
Според НСДП, неслучајни се жестоките напади на власта и нејзините, како што наведува, медиумски пропагандисти, упатени токму кон оваа институција.
– Тие се свесни дека најсериозна закана за крималната структура во власта доаѓа од специјалното обвинителство, пишува НСДП во соопштение до медиумите. Бидејќи целта на договорот е излез од политичката криза и организирање фер и слободни парламентарни избори, НСДП смета дека без завршени истраги за злоупотребите на власта од претходните избори, поради што и дојде до политичка криза, не треба и не смее да се оди на уште едни нерегуларни и криминални избори, смета НСДП.
Доколку не се истражат сите злоупотреби на власта во врска со претходните избори и не се казнат виновниците, наведува НСДП, Македонија нема никогаш да стане правна држава и ќе влезе во една нова, уште поголема криза, а спиралата на фалсификувани избори и злоупотребата на власта ќе продолжи.
– Неказнетите насилници и прекршители на изборни правила ќе сфатат дека таквата активност не се казнува и ќе продолжат непречено со истиот начин на владеење, стои меѓу другото во соопштението на НСДП.