Со дводневни свечености ќе се одбележи 123-годишнината од смртта на Григор Прличев

Од:

Со дводневни свечености во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ Охрид ќе ја одбележи 123-годишнината од смртта на македонскиот книжевен великан, преродбеникот Григор Прличев.

Годинешните „Прличеви беседи“ ќе започнат в петок од 11 часот со одбележување на творештвото на роднокрајните автори Коста Фортомар, Есад Бајрам, Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски.

Централниот настан на манифестацијата ќе се одржи од 12 часот во Центарот за култура, со свеченоста на доделувањето на наградата за најдобра поема за 2015 година на годинешниот лауреат Глигор Стојковски, за неговото дело „Кирил 1830 – Кирил 2001“.

Свеченостите продолжуваат во 13:30 часот со положување Ловоров венец и цвеќе на бистата на Григор Прличев пред охридската библиотека, а за ликот и делото на охридскиот поет ќе беседи Јован Стрезоски, како член на Друштвото на писатели на Македонија.

Од 14 часот во Прличевата одаја ќе се одржи традиционалната Охридска визита, додека за вечерта од 19 часот учениците од ОУ „Григор Прличев“ ќе одржат свечена приредба во Центарот за култура.

Свеченостите продолжуваат в сабота во 11:30 часот со панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Прличев, а случувања посветени на ловроносецот ќе завршат во 12:30 часот во спомен-куќата на Прличев, каде „Слово за Прличев“ ќе одржи проф. д-р Георги Сталев Поповски.

Манифестацијата „Пличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет, кој почина на 4 февруари пред 123 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“. „Прличевите беседи“ се одржуваат во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска