Ректорот на битолскиот Универзитет, Сашо Коруновски и директорот на битолскиот Центар за култура, Борче Димитровски денеска на прес конференција го најавија гостувањето на филхармонијата од Колеџот „Густав Адолф“ од Минесота, САД, кои в сабота невечер ќе одржат концерт во Битола.
Со претстојната културна активност, Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола ја почнува реализацијата на програмата за одбележување на 1.100 годишнината од смртта на Климент Охридски, посочи ректорот Коруновски на средбата со новинарите во овој град.
– Во текот на годината ќе организираме многу настани посветени на јубилејот 1.100 година од смртта на патронот Климент Охридски, а паралелно ќе го зголемуваме бројот на академски партнерства со цел да промовираме нови едукативни вредности. Нашиот универзитет соработува со многу институти и колеџи од САД, а по доаѓањето на гостите од САД ќе развиваме идна соработка и со нив, рече меѓудругото ректорот Сашо Коруновски.
Фимхармонијата на Колеџот „Густав Адолф“ од Минесота е формирана во 1888 година, а во Битола ќе настапи со 70 музичари кои ќе понудат џез и друга музика.
– Музичката дејност е основна дејност во функционирањето на нашата институција и се реализира со врвни музички настани каков што ќе биде претстојниот со филхармонијата од Минесота. Големо е задоволството што во европската турнеја на филхармонијата, на нивната мапа е и нашиот град, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Концертот на филхармонијата од Минесота ќе се одржи в сабота во 20 часот во големата сала на НУ Центар за култура. Влезот за сите вљубеници на музиката ќе биде бесплатен, а истовремено во фоајето на Центарот за култура ќе биде поставен штанд за донации кои потоа ќе бидат врачени на соодветна институција во градот, беше нагласено на денешната прес конференција во овој град.