„Вчерашниот говор на Никола Груевски на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ го проследивме со огромна запрепастеност. Груевски повторно не не’ изненади и одржа уште еден крајно профашистички говор полн со омраза, закани, омаловажувања и агресија, пласиран на многу ниско ниво. Уште поневкусно е тоа што овој популистички „циркус“ се случи пред понежниот пол.
Крајно неприфатливо е довчерашен премиер и лидер на политичка партија да применува ваква заканувачка реторика кон сите кои се различни или пак размислуваат различно. Ова е уште еден чист доказ дека Груевски во изминатава деценија се занимавал со одмаздување и казнување на сите неистомисленици, но и сите заедници кои се различни од неговата идеолошка матрица.
Груевски со вчерашниот говор потврди дека е против соживотот во Македонија, дека е најголемата кочница во Евроинтеграциските процеси, но и дека нема никаков респект кон својот потпис кој го стави во Пржинскиот договор.
Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) јавно го прашува Груевски; дали во гневот неговите замислени казни и одмазди влегува и досегашниот однос на неговата владата кон културно историските споменици од Османлискиот период? Дали поради ваквите побуди и по 15 години не се реконструира опожарената Чарши џамија во Прилеп? Во овој однос соучесници се и коалициските партнери на Груевски на чело со турската партија која е дел од коалицијата. Дали oсветољубоста на Груевски е причината на неговиот деградирачки однос спрема маргинализираната турска заедница во Македонија?
Ние сме убедени дека вчерашното обраќање на Груевски е чист доказ дека тој е загрозен, преплашен и очаен. Крајот на овој застрашувачки режим е сѐ поблиску“, се вели во соопштението на Партијата за Движење на Турците во Македонија – ТХП.